Царинските власти на Белгија и Германија објавија дека заплениле повеќе од 23 тони кокаин, што бил наменет за Холандија.
Германија открила 16 тони кокаин во пет контејнери, што пристигнале во пристаништето во Хамбург од Парагвај овој месец. Откако холандската полиција добила дојава, дополнителни 7,2 тона кокаин биле запленети во Антверпен.
Официјални лица кажаа дека вредноста на кокаинот изнесува неколку милијарди евра. Дваесет и осумгодишник од Ротердам осомничен за вмешаност во шверцот на дрогата е уапсен во Холандија.
„Двете рации резултираа со фаќањето на енормно количество кокаин, кое претставува апсолутен рекорд во Европа. Никогаш досега не било пресретнато толкаво количество кокаин одеднаш“, соопшти холандската полиција.
Цариниците во Хамбург проценуваат дека вредноста на запленетиот кокаин во Германија се движи меѓу 1,5 и 3,5 милијарди евра.