ЗА РЕСТАВРАЦИЈА НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ОДОБРЕНИ НАЈМНОГУ ПАРИ ВО БИТОЛСКО-ПРЕСПАНСКИОТ РЕГИОН ОД ГОДИШНАТА ПРОГРАМА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

    ЗА РЕСТАВРАЦИЈА НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ОДОБРЕНИ НАЈМНОГУ ПАРИ ВО БИТОЛСКО-ПРЕСПАНСКИОТ РЕГИОН ОД ГОДИШНАТА ПРОГРАМА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРАЌе бидат издвоени 3 милиони денари за конзервација и реставрација на црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново. (Фото: СДК.МК)

    Најмногу пари од областа на културата во Битолско-Преспанскиот Регион државата ќе вложи за заштита на македонскиот црковен бисер „Св. Ѓорги“ во Курбиново, бесценет културно-историски споменик познат и како македонската „Мона Лиза“ по ѕидното сликарство. Според програмата за финансирање проекти од национален интерес што вчера ја објави Министерството за култура, ќе бидат издвоени три милиони денари за конзервација и реставрација на прва фаза архитектура и конструкција на црквата „Св. Ѓорги“,  втора фаза како културно наследство во опасност. Ќе бидат вложени уште 20.000 денари за изработка на елаборат за ревалоризација на црквата.

    Оваа година,  најмногу државни пари од областа на културата во Битолско-Преспанскиот Регион ќе бидат искористени за заштита на недвижното културно наследство. Министерството за култура со 8.260 000 денари ќе поддржи 18 проекти на Завод и Музеј Битола од кои се предвидуваа дополнителна заштита на објекти од културно-историско значење.

    Покрај Курбиново, половина милион денари ќе завршат, исто така, во Преспанскиот Регион, овој пат за конзерваторски-реставраторски интервенции на архитектура и конструктивна консолидација на црквата „Св. Петар“ на островот Голем Град на Преспанско Езеро, која датира од 14.век, а ќе се изготви и проект за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство. Ќе се заштитува и црквата „Света Петка“ во Брајчино, ѕидното сликарство во црквата „Св. Димитрија“ во село Гардешница, Мариово, заштита на црквата „Свети Сотир“ во Гопеш, археолошки истражувања во Слепченскиот манастир, конзерваторски проeкти за ентериерот во Јени џамија.

    По 310.000 денари се издвоени за реставрација и конзервација на фасадите од Спомен-куќите на Гоце Делчев и Стив Наумов во Битола. Годинава ќе има зафати и врз фасадата на Завод и музеј за што се планирани 1,6 милиони денари. На листата не е испуштена ни Хераклеја со итни превентивни конзерваторски интервенции врз мозаиците и други зафати.

    Во однос на другите институции, поддржани се претстави од Народниот театар, осмото издание на „Шекспир фестивалот“ со еден милион денари, инвестиција од 350.000 денари за клими за греење и ладење и други проекти. Меѓу поголемите поддржани проекти на Центарот за култура се Фестивалот на музика од светот со 350.000 денари, 23. Фестивал на монодрама со 400 илјади и други изложби и настани, а со половина милион денари ќе се оспособува и системот за известување при пожар.

    Библиотеката „Св. Климент Охридски“ доби најмногу средства за збогатување на книжниот фонд и за мултифункционална читална.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира