Амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар порача дека Специјалното јавно обвинителство е најдобрата алатка за одредување на одговорноста што произлегува од прислушуваните разговори и ги повика партиите да ја имплементираат поддршката за СЈО, на која се имаат многу пати обврзано.
„Позната е нашата позиција што се однесува на СЈО. Како што знаете, формирањето на СЈО е клучната работа која произлегува од Пржинскиот договор и политичките партии многу пати се имаат обврзано да дадат поддршка на СЈО. И ние ги охрабруваме политичките партии да ја почитуваат оваа нивна заложба и во иднина да ја имплементираат поддршката за СЈО. Сите вие знаете дека СЈО не претставува крај како такво, туку тоа претставува само една алатка, т.е. најдобрата алатка да се одреди одговорноста или пак да се истражува одговорноста која што произлегува од прислушуваните разговори. Ова е наш став и остануваме на него“, изјави амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар во Куманово.
Жбогар, исто така, смета дека партиите се подготвуваат за парламентарните избори и нема да се доведе во прашање нивното одржување на 11 декември.
„Мислам дека четворицата лидери уште во август установија дека сите услови се исполнети за одржување на изборите во декември. Јас имам постојан дијалог и дискусија со сите сите четворица политички лидери во врска со прашањето за изборите и со прашањето за СЈО. И мојот впечаток е дека сите се подготвуваат за одржување на изборите. Се разбира, ние како ЕУ се радуваме и со нетрпение очекуваме да се одржат тогаш кога се закажани, тоа ќе биде можност земјата да се врати во нормализира и да го продолжи својот европски пат и да можеме да ја продолжиме нашата соработка“, додаде Жбогар.
Жбогар, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми и градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, денеска го промовираше проектот за „Рехабилитација и проширување на канализациска мрежа во општина Куманово”. Со овој проект ќе се обнови и изгради 24 километри канализација, а проектот чини 4,23 милиони евра. Средставата се обезбедени од ИПА програмата на ЕУ.