Доградени се две занимални во објектот „Синоличка“ на градинката „Ангел Шајче“ во Куманово. Во новиот простор, кој е со површина од 227 квадратни метри, ќе престојуваат 37 дечиња во две двојазични групи.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која присуствуваше на предавањето на новиот објект, рече дека Владата и Министерството имаат сериозни вложувања во унапредувањето на претшколското образование.
„Овде имаме проширување на постоечкиот капацитет на грaдинката, за да се опфати дополнителен број деца од девет до 18 месеци и втората хетерогена група со деца од три до шест години“, изјави Шахпаска.
Таа додаде дека концептот „Едно општество за сите“ во пракса функционира во Општина Куманово, бидејќи во градинката „Ангел Шајче“ работат три двојазични групи: две со деца Македонци и Албанци и една македонско-српска група, каде што децата учат и се дружат заедно.
За доградбата на објектот, Министерството за труд и социјална политика обезбеди 10 милиони денари, Општина Куманово 222.500 денари, а и градинката учествуваше со сопствени средства.
„Помогнавме со цел да се зголеми капацитетот за сместување на дечињата во градинките. Ова е една од неколкуте мултиетнички градинки, каде што имаме образовен процес на повеќе јазици“, рече градоначалникот Максим Димитриевски.
Со дополнителните 37 деца, вкупниот капацитет на објектот „Синоличка“ сега е 164 деца.
Во составот на градинката „Ангел Шајче“ работат седум објекти и два центра за ран детски развој, во кои се сместени над 1.800 деца. Но, потребите на градот се многу поголеми и со години родителите имаат сериозни проблеми со сместување на децата. На листата на чекање пред коронакризата имаше повеќе од 500 деца, што сега е намалено.
С. НИКОЛИЌ