Сите вработени во јавно-здравствените установи ќе добијат покачување од пет отсто на платите, вели министерот за здравство Венко Филипче. Тој додава дека покачувањето ќе биде и за медицинскиот, и за немедицинскиот персонал вработен во здравствените установи.
„Тоа што денес треба да го утврдиме со Синдикатот е зголемувањето на платите за 5% на сите коишто се вработени во здравствениот сектор. Покачување на платите ќе има и за здравствени работници и за нездравствени работници и тоа треба да започне од месец март. Покачувањето е од овој месец односно на мартовската плата којашто се исплаќа во месец април“, рече Филипче.
Од Министерството за здравство велат дека освен зголемувањето на платите на здравствените работници и останатите вработени во јавно здравствените установи, во услови на ковид пандемија се реализираа 446 нови вработувања во јавното здравство.
Б. НЕСТОРОСКА