ПАНДЕМИЈАТА ГО СПРЕЧИ ЕДИНСТВЕНИОТ ЖИВ ШТИПСКИ ЕВРЕИН МИТКО РУБИСА ДА ДОЈДЕ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ДЕНОТ НА ДЕПОРТАЦИЈАТА НА ЕВРЕИТЕ ОД ШТИП

    ПАНДЕМИЈАТА ГО СПРЕЧИ ЕДИНСТВЕНИОТ ЖИВ ШТИПСКИ ЕВРЕИН МИТКО РУБИСА ДА ДОЈДЕ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ДЕНОТ НА ДЕПОРТАЦИЈАТА НА ЕВРЕИТЕ ОД ШТИПМитко Моис Рубиса-Јоле по половина век живот во Штип каде се родил се пресели со семејството во Израел. (Фото: СДК.МК)

    Штипјани вчера и денеска положуваат цвеќе на споменикот на холокаустот во Штип, подигнат пред 33 години во чест на 551 штипски Евреи кои на 11 март 1943 година беа депортирани во нацистичкиот логор Треблинка. Повеќе штипјани се прашуваа каде е Митко Моис Рубиса, единствениот жив Евреин од Штип, кој по заминувањето во Израел пред една деценија секоја година во март доаѓаше во својот роден град и положуваше цвеќе на споменикот во центарот на градот.

    Штипјани Митко го викаат Јоле, а кога го контактиравме ни кажа дека годинава пандемијата го спречила да замине за Штип да положи цвеќе и да се види со роднините и пријателите.

    „Македонија и Штип, каде со моето семејство живеевме повеќе од 50 години, ми се во срцето. Кога се прошири пандемијата знаев дека нема да можам да одам за Штип. Досега не сум се заразил, но превентивно почнав да ги примам вакцините. Пред неколку дена ја примив и втората доза од вакцината. Положете цвеќе и за мене и се надевам дека наскоро ќе се видиме во Штип“, вели Митко.

    „Живеевме во штипско Ново Село, но кога формирав семејство се преселивме во друга населба во Штип. Се оженив со убавата штипјанка Невенка која ми роди два сина, Моне и Павле. Кога поголемиот син отслужи војска во Македонија доби студентски индекс во Хаифа. По него заминавме и ние за Изарел, затоа што мојата фабрика ‘Метална’ пропадна, а и помалиот син немаше работа“, вели Јоле.

    Таткото Моис по сплет на среќни околности ја избегнал депортацијата затоа што тогаш не бил во Штип. Бил во Белград и Германија, но кога подоцна успеал некако да се врати во трошната куќа во штипско Ново Село затекнал празни соби и само една семејна фотографија.

    Само една семејна фотографија е најдена во куќата на семејството кога Моис Рубиса ја избегнал депортацијата и се вратил во Штип. (Фото: Приватна архива)

    „Фотографијата и ден денешен е богатство затоа што преку неа се сеќаваме на своите, на дедо ми Давид, баба ми Стерина, чичко ми Пепо, тетките Шана, Грација и Ана. Сите завршиле во Треблинка, од каде не се вратиле“, ни зборуваше Митко при последниот разговор со него во Штип пред споменикот на депортираните Евреи.

    Тогаш се сретнавме и со Еврејката Шела Алтерац, која како 9-годишно дете го преживеала депортирањето, а во својот роден град дошла после 60 години. Со солзи во очите го раскажуваше ужасот од 11 март 1943 година.

    „Тој ден, рано наутро војниците со бајонети нè вадеа од нашите куќи. Никој не знаеше каде нè водат. Нè однесоа без да можеме нешто да земеме од дома. Нè удираа со кундаците и бајонетите за да побрзаме. Нè однесоа на железничката станица каде како стока не товараа во вагоните. Се спасив дури во Призрен, со помош на сестра ми која работеше како болничарка во италијанската воена болница. Успеа да ме извлече“, вели Шела која за страшната голгота напиша и книга.

    Шела Алтерац на положувањето цвеќе на споменикот на депортираните Евреи во Штип при нејзината последна посета на родниот град. (Фото: СДК.МК)

    Пред 33 години, Општина Штип во старото еврејско маало во центарот на градот, каде сега се наоѓа Народниот музеј, подигна меморијален споменик на холокаустиот во чест на депортираните штипски Евреи. Пред пет години изгради и асфалтен пат до старите Еврејски гробишта. Но, оттогаш наваму со потребната динамика не се одвиваат најавените активности за комплетна реставрација на гробиштата кои во минатото беа сквернавени, и за отворање на спомен куќа за евреите во штипско Ново Село.

    Делегација на Еврејската заедница вчера положи цвеќе на споменикот на депортираните Евреи во Штип, а изврши и увид во работите околу реставрацијата на Еврејските гробишта .

    Делегацијата на Еврејската заедница во Македонија положи заедно со граѓани на Штип положуваат цсвеќе на меморијалниот споменик на холокаустот во Штип. (Фото: СДК.МК)

    На 10 декември лани, Еврејска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија јавно ја повикаа владата на Бугарија или државните официјални избрани политички авторитети – премиер, претседател, претседател на парламент – да се соочат со вистината за холокаустот врз Евреите во окупираните територии во Втората светска војна, за која пронацистичката влада во Царството Бугарија од тоа време е директно одговорна, и да се извинат и да ја прифатат одговорноста.

    „За време на Втората светска војна територијата на денешна Република Македонија, на која живееле околу 8.000 Евреи, е под директна окупација на Царството Бугарија и Италија, кои се сојузници во оската. Еврејското население кое живее во Македонија за време на Втората светска војна се наоѓа под бугарска окупација. Бугарските пронацистички окупаторски власти веднаш го спроведуваат врз Евреите антисемитскиот Закон за заштита на нацијата со кој на Евреите им се ускратуваат сите граѓански права, се дехуманизираат, се воведува Законот за еднократен данок на имот, со кој се ‘легално’ ограбени, се задложуваат сите Евреи да носат Давидова ѕвезда, еврејските куќи се обележани, дуќаните затворени, бизнисите и парите конфискувани“, кажаа од Заедницата и Фондот во заедничкото соопштение.

    „Бугарската пронацистичка власт, на чело со Богдан Филов и цар Борис Трети, дава согласност за потпишување договор за иселување (депортација) на Евреите од окупираните територии од страна на Бугарија, но и од самата Бугарија. На 22 февруари 1943 година Александар Белев, комесар за Еврејските прашања и Теодор Данекер, претставник на нацистичка Германија го потпишуваат Договорот за најпрво иселување на 20.000 Евреи од окупираните територии и од самата Бугарија. Согласно со овој Договор, на 11 март 1943 година бугарската пронацистичка војска и полицијата насилно ги собираат Евреите од нивните домови во Скопје, Битола, Штип… и ги транспортираат во привремениот логор, кој служел како транзитен логор, во Тутунскиот комбинат во Скопје – Монопол. Оттаму 7.144 Евреи, или 98% од вкупното еврејско население од тоа време, во три одделни транспорти, 22-ти, 25-ти и 29-ти март 1943 година, организирани од бугарските окупаторски власти, Комесаријатот за Еврејските прашања и со логистика на бугарската железница се депортирани и предадени на нацистите во центар от за убивање Треблинка. Никој од депортираните Евреи не се врати жив“, кажаа тие.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира