Испитувања на Д-димери и Це-Ер-Пе за ковид болните наскоро ќе се прават и во скопските поликлиники „Букурешт“ и „Идадија“, вели директорот на Здравствен дом Скопје Виктор Исјановски. Од 18 јануари овие биохемиски анализи се достапни во поликлиниките „Бит Пазар“, „Јане Сандански“ и „Драчево“, но пациентите и матичните лекари реагираат дека тешко се доаѓа до слободен термин бидејќи овие испитувања се прават само по еден час во денот.
Исјановски вели дека приемот на пациентите со упат Лу1 – ковид 19 во посочените поликлиники е од 11 часот до 12 часот секој работен ден од понеделник до петок и дневно се изработуваат по 35 анализи.
Поради малиот број термини на државно, голем број ковид болни мора овие крвни анализи да ги прават на приватно, што чини по 1.500 денари за една, а во текот на боледувањето треба да се направат барем 3 за пациент.
„Лабораториите во овие три поликлиники примаат по еден час пациенти со ковид, бидејќи непречено се одвива редовната работа на прием на пациенти, како пациенти со малигни заболувања, деца, бремени жени и мора да ги почитуваме протоколите за безбедност на пациентите“, изјави директорот Исјановски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Исјановски не одговара зошто не воведат втора смена, туку нагласува дека „кадарот е преполовен, односно дел се во пунктовите за ковид тестирање каде во моментов мора да бидеме на располагање“.
„Бројот на пациентите е согласно нашите капацитети, односно заради сензитивноста во изработка на овој тип на анализи и овозможување на добивање на резултатите истиот ден. Во овие поликлиники нема никакво отстапување во тековната редовна работа“, вели Исјановски.
Во Битола, Тетово, Штип, Струмица, Куманово и Охрид матичните лекари ги испраќаат ковид пациентите со приоритетни упати да направат крвна анализа со Д-димери и ЦРП и рентген во државните болници, а не се чекаат термини. Патеката за тријажа е иста, но за разлика од Скопје функционира оти нема голем број болни.
Во Скопје, каде е и најголемиот број новозаболени од ковид-19, најголемиот притисок е врз ковид амбулантите во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, како и на Инфективната клиника. Главно станува збор за пациенти позитивни на ковид-19 на кои не им треба хоспитализација, но им е влошена клиничката слика и имаат потреба од дополнителни испитувања како лабораторија, рентген снимка и следење на состојбата со соодветна терапија од интернист.
Б. НЕСТОРОСКА