ВИСТИНАТА ЗА ХОЛОКАУСТОТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕЛАТИВИЗИРА И ЗАБОРАВИ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ

    ВИСТИНАТА ЗА ХОЛОКАУСТОТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕЛАТИВИЗИРА И ЗАБОРАВИ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИВо спомен на холокаустот на македонските Евреи претседателот Стево Пендаровски денеска во дворот на Кабинетот засади дрвце, македонски даб. (Фото: Кабинет на Претседател)

    Не смееме да дозволиме вистината за холокаустот да се релативизира и заборава, рече претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 78-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот логор Треблинка.

    „Холокаустот е логичка последица на моралниот вакуум во кој сè било дозволено, вклучително и обезвреднувањето на човековиот живот и неговото вродено достоинство. Ова апсолутно зло мора да биде осудено апсолутно. Наша должност е да се сеќаваме за никогаш да не се повтори“, кажа претседателот Пендаровски.

    Во спомен на холокаустот на македонските Евреи депортирани од пронацистичката бугарска окупаторска власт во логорот на смртта Треблинка на 11 март 1943 година, претседателот Стево Пендаровски денеска во дворот на Кабинетот засади дрвце, македонски даб. Истовремено, во негово име, а во соработка со амбасадата на Израел, стебло беше засадено и во Ерусалим, во парк шумата на мирот, Амандав. На одбележувањето на 78-годишнината од холокаустот на македонските Евреи присуствуваше и почесниот конзул на Државата Израел во Република Северна Македонија, Градимир Шумковски.

    Во текот на Втората светска војна биле убиени над шест милиони Евреи. Само во логорот Треблинка за околу една година биле убиени околу 900.000 жени, мажи и деца, а меѓу нив биле и 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип коишто претставувале дури 98 отсто од македонската еврејска заедница.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира