Марија Бакалова ѝ ја донесе првата номинација за Оскар на Бугарија откако беше селектирана меѓу петте актерки во категоријата најдобра споредна улога. Дваесет и четиригодишната Бакалова беше релативно непознато име и во својата татковина пред да го освои Холивуд со улогата на ќерката на Борат Сагдиев (Саша Барон Коен) во продолжението на „Борат“, при што многумина критичари се согласуваат дека таа е вистинската ѕвезда во филмот.
Бакалова само што дипломирала глума на Националната академија за филм и театар во Софија, кога испратила своја снимка за аудиција, за која кажа дека била толку тајна што помислила дека на крајот ќе заврши во трговија со луѓе. За да ја добие улогата, Бакалова на аудицијата победила 600 актерки.
„Снимив неколку импровизирачки видеа со мојот телефон за аудицијата и ги испратив. Не знаев што ме очекува. Во следен момент, јас сум во Лондон на аудиција за Саша Барон Коен, за улогата на неговата 15-годишна ќерка Тутар во ‘Борат 2‘“, изјави Бакалова за агенцијата АП.
Во филмот, Тутар тајно доаѓа со Борат во Америка за да биде подарок за потпретседателот Мајк Пенс, но откако тој план нема да им успее, таа станува новинарка. Кулминација на филмот е сцената во која во хотелска соба му прави интервју на адвокатот на Трамп, Руди Џулијани.
Бакалова успеала да влезе и во Белата куќа на прес-конференција на Трамп и да се запознае со неговиот син Доналд Џуниор, но таа сцена не е вклучена во филмот. Таа во филмот главно зборува на бугарски, кој е претставен како казахстански јазик.
За улогата која може да ѝ донесе голем пробив во Холивуд Бакалова беше номинирана и за Златен глобус, како и за БАФТА награда.