Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“, што лани додека беше на функција го набавил поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски за 81.000 евра.
Софтверот, како што на 10 март објави „360 Степени“, и по осум месеци откако е испорачан, не е во функција, а според Рашковски, треба да биде дел од системот „Безбеден град“ што МВР наводно планирало да го надгради за да може да изрекува казни преку видеонадзор.
„Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, обвинителството отвори предистражна постапка, при што предметниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација. По наредбите ќе постапуваат истражителите од истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во меѓувреме, откако беа издадени наредбите, Министерството за внатрешни работи до обвинителството достави известување во врска со нивното постапување во случајот“, соопшти Обвинителството.
Професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Рашковски беше избран за генерален секретар на Владата во јуни 2017, а оставка си даде во октомври 2020. Сега е советник во владата на Заев.
На 10 март, откако излезе информацијата за набавката на софтверот, премиерот Зоран Заев кажа дека нема ништо спорно во набавката на Рашковски. Заев тврдеше дека за набавката има писмена комуникација меѓу Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за внатрешни работи и тие документи во наредните денови ќе бидат покажани на јавноста.
„Има причинско-правни последици зошто е тоа правено, со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтверот кој може да се употребува во Министерството за внатрешни работи. Се работи за објект кој снима 360 степени кој е набавен врз основа на претходни длабински анализи. Ова е правено со причина, не ни текнало така нас седејќи во Владата ај ќе правиме софтвер. Ако не го користат сега, може во иднина ќе го употребуваат“, рече тогаш Заев.