Германскиот министер за здравство Јенс Шпан ги намали надежите дека рестриктивните мерки во земјата ќе продолжат да се укинуваат и поверојатно е дека повторно ќе бидат воведени нови поради порастот на бројот на нови случаи на коронавирус.
„Зголемениот број заразени значи дека не можеме да продолжиме да се отвораме во наредните недели. Напротив, можеби ќе треба да направиме чекор назад“, кажа Шпан.
Канцеларката Ангела Меркел в понеделник ќе се сретне со лидерите на 16-те сојузни покраини за да дискутираат дали ќе се продолжи со затворањето што беше воведено во средина на декември. Во почетокот на овој месец, тие договорија постепено отворање на економијата, но бројките на ковид позитивни повторно се во пораст во изминатиот период. Денеска се регистрирани 17.482 нови случаи, а починале 226 лица.
Ларс Шаде, потпретседателот на институтот за заразни болести „Роберт Кох“, ги повика Германците да не патуваат за Велигден, бидејќи бројот на новозаразени расте експоненцијално.
„Постои ризик за Велигден да имаме слична ситуација како за Божиќ“, изјави Шаде.
Во тој период, Германија стигна до стапката од 200 заразени на 100.000 жители, што сега изнесува 96.