ВО ВЕВЧАНИ СЕ ОТВОРА МУЗЕЈСКИ ЦЕНТАР

    ВО ВЕВЧАНИ СЕ ОТВОРА МУЗЕЈСКИ ЦЕНТАРГрадоначалникот на Општина Вевчани Сашо Јанкоски вели дека музејот ќе биде привлечен за туристите. (Фото: СДК.МК)

    Вевчани ќе отвори музејско-туристички центар, мултифункционален објект на површина од 1.400 квадратни метри објект со конгресна сала, галерија, музејски поставки, фитнес сала, сувенирница, инфоцентар и други содржини. Активностите се во завршна фаза, а целиот проект чини 985 илјади евра, средства од Европската унија, менаџиран од Светска банка, а реализиран во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК).

    Богатото културно наследство за еден месец ќе биде презентирано во музејот со поставка на заштитеното подрачје на планината Јабланица, печалбарска одаја, етномузеј од Василица, поставки на народните носии од Вевчани и други кои го карактеризираат духот на Вевчани.

    Градоначалникот на Општина Вевчани Сашо Јанкоски вели дека овој објект ќе придонесе за збогатување на туристичките содржини во Општината.

    „Туристите досега доаѓаа да ги посетат Вевчанските извори и нашите етно-ресторани и после тоа заминуваа. Сега ќе имаме многу содржини за да ги привлечеме во поголем број, но и да ги задржиме подолго време. Имаме одлична природа, а посетителите ќе имаат и што да видат во музејските поставки“, вели Јанкоски.

    И Вевчанските извори, како вреден споменик на природата, ќе се заштитуваат со средства од европските фондови. Германската фондација ПОНТ ќе издвои 50 проценти од вкупниот буџет за заштитеното подрачје за заштита на ретките врела на Јабланица.

    Според Јанкоски, ваквата помош е значајна за зачувување на овој вреден хидрогеолошки локалитет како и за успешно менаџирање на заштитеното подрачје.

    Проектот предвидува да се направат патеки, да се вработат ренџери и постават камери за мониторинг на криволовците.

    „Во тој дел ќе имаме подобри патеки за пешачење, добро уредени и исчистени. Безбедноста ќе се зголеми, бидејќи ренџерите ќе бидат постојано на терен. Ќе добиеме и нова опрема и камери“, додава Јанкоски.

    пред ковид пандемијата, годишно во Вевчани доаѓаа 50.000 туристи главно да ги посетат Вевчанските извори како најголема туристичка атракција во општината, како и еколошки чистата недопрена природа. Од 1997 до денес, во заштитеното подрачје нема ниту едно пресечено дрво.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира