Со 59.249 гласови „за“ и 865 гласови „против“, Зоран Заев е реизбран за претседател на СДСМ, објави партијата по денешните први внатрепартиски непосредни избори. Партијата објави дека од преброените 227 места, има и 277 неважечки ливчиња.
Актуелниот претседател на партијата Заев, беше единствен кандидат за функцијата. Партијата одлучи изборот да биде „за“ или „против“ Заев наместо заокружување на единствениот кандидат како единствена опција.
Владејачката партија објави дека од активно регистрираните вкупно 68.999 беа запишани членови во избирачкиот список, а излезноста е 90 отсто. Се гласаше во 237 избирачки места во сите 80 општини.
Заев се заблагодари на довербата и кажа дека следува нова политика, како што ја нарече „пролетна офанзива за нов пресврт на политичко делување на СДСМ и на земјата“.
„Ќе внесеме нова енергија, ќе ја продолжиме борбата против високата корупција. Следува реформа на кадровската политика“, рече Заев, додавајќи оти во април скромно ќе одбележат 30 години СДСМ, а во мај ги очекува и конгрес.
На прашањето на што се должи недовербата изразена во скоро илјада гласови „против“ и неважечки ливчиња, Заев рече: „Тоа е доказ дека нема перфектно иделен човек дури кога ја води својата партија кон успех“.
Тој кажа дека денешниот успех не е само негов туку и на сите членови, но не одговори директно на прашањето дали ќе има промени во партискиот врв.
Б. НЕСТОРОСКА