Унгарија одобри уште една кинеска вакцина против ковид-19, развиена од компанијата „КанСино бајолоџикс“.
Унгарскиот национален институт за фармација издаде одобрение за вакцината наречена „Конвидекија“, од која е потребна само една доза. Таа веќе се користи во Кина, Пакистан и Мексико.
Унгарија беше првата земја од Европска Унија која, спротивно на политиката на Брисел, одобри кинеска и руска вакцина против ковид-19. Во последно време, и други земји од блокот пројавија интерес за овие вакцини.
Ова следува откако Унгарија во петокот забележа рекордни дневни бројки од почетокот на пандемијата, 10.759 новозаразени и 213 починати.