Координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи вели дека ќе продолжат да ги блокираат сите закони во Собранието, вклучувајќи ги оние за петтиот пакет мерки за помош на економијата, сè додека не се донесе закон за државјанство. На денешната прес-конференција во Собранието, Реџепи тврдеше дека имале многу контакти со луѓе од бизнис фелата и тие наводно им кажале дека можат да издржат без плати, затоа што поважно било да се реши статусот на граѓаните без државјанство.
„Вистина е дека на граѓаните им доста битна помошта околу пандемиските случувања, меѓутоа власта знае дека има категорија на граѓани кои воопшто не ја користат таа помош и ние како албанска опозиција ја прифаќаме одговорноста дека ќе ги блокираме сите предлог закони додека не се донесе закон за државјанство. Имаме доста контакти со луѓе од бизнис фелата и луѓето целосно ни даваат поддршка, иако се во тешка економско-социјална состојба. Тие велат кратко: може да истраеме месец дена без плати. Но, затоа сакаат да дадат придонес за граѓаните кои вооопшто немаат државјанство“, изјави Реџепи.
Според предложениот закон од страна на Алијанса за Албанците и Алтернатива, македонско државјанство би можело да добива со изјава од тројца сведоци. Таквиот предлог е неприфатлив за владејачкото мнозинство, поради што албанската опозиција ги блокира другите закони со поднесување стотици амандмани.
Денеска во Собранието имаше средба на координаторите на пратеничките партии со претседателот на Собранието Талат Џафери, но не беше постигнат договор како Собранието да продолжи со работа. Владејачкото мнозинство од 62 пратеника е намалено, бидејќи двајца од нив се во изолација поради ковид-19, па без учество на опозицијата не е можно во моментов да се обезбеди кворум.
С. К. ДЕЛЕВСКА