„ИВЕРМЕКТИН“ ДА НЕ СЕ КОРИСТИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА КОВИД-19, ВЕЛИ ЕВРОПСКАТА АГЕНЦИЈА ЗА ЛЕКОВИ

    „ИВЕРМЕКТИН“ ДА НЕ СЕ КОРИСТИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА КОВИД-19, ВЕЛИ ЕВРОПСКАТА АГЕНЦИЈА ЗА ЛЕКОВИПотребни се уште истражувања за да се докаже дека „ивермектин“ е ефективен и безбеден лек против ковид-19, вели ЕМА (Фото: Шатерсток)

    Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека лекот „ивермектин“ не помага во спречувањето и лекувањето на ковид-19, откако ги анализираше последните податоци. Во Европската Унија, „ивермектин“ се користи за лекување на некои паразитски и кожни заболувања, а има примена и во ветеринарството, но не е одобрен за лекување на ковид-19. ЕМА објави дека не добила апликација за таква употреба.

    По последните медиумски извештаи за употребата на „ивермектинот“, ЕМА ги анализираше последните докази од лабораториски и набљудувачки студии и клинички тестирања и заклучи дека моментално не може да го препорача неговото користење за спречување и лекување на ковид-19 надвор од контролирани клинички тестирања. Таа додаде дека се потребни дополнителни истражувања за да се докаже дека тој е ефективен и безбеден лек против ковид-19.

    На 5 февруари, Министерството за здравство рече дека лекот „ивермектин“ ќе продолжи да се дава кај ковид пациенти во Македонија, и покрај тоа што производителот на лекови „Мерк“ ден претходно објави дека не лекува ковид-19.

    САКАМДАКАЖАМ.МК тогаш го праша Министерството за здравство дали ќе се менува протоколот за третман на ковид пациенти и дали ќе продолжи да се дава лекот „ивермектин“ откако производителот на лекови „Мерк“ објави дека нивната анализа на достапните податоци не ја поддржува безбедноста и ефикасноста на неговиот лек против паразити „ивермектин“ за третман на ковид-19?

    „Лекот ‘ивермектин’ се користи како терапија на пациенти со лесна, средно-тешка и тешка клиничка слика. Истиот може да се употребува во домашно и болничко лекување и да се земе превентивно, исклучиво со лекарска препорака доколку лице било во контакт со ковид позитивен и се употребува само под надзор на стручни лица. Лекот има поминато низ повеќе клинички студии и во нивната евалуација има поволен ефект во третманот против ковид-1. Покрај тоа што крајните резултати на студиите сѐ уште не се објавени, се користи како опција во лекувањето на пациентите и кај многу од нив има покажано позитивен исход при правилна комбинација со други лекови, утврдена од страна на стручните лица“, одговори на 5 февруари Министерството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира