Еден од новооткриените станови на бегалецот Никола Груевски на улица Павел Шатев (Бихаќка) во Скопје, покрај постоечките два на име на мајка му Надежда, е на име на поранешна негова секретарка Т.С., дознава САКАМДАКАЖАМ.МК . Секретарката Т.С. е веќе сослушана во Обвинителството, изјавила дека станот не бил нејзин, неа само ѝ било дадено да потпише дека е нејзин.
Друг стан во истата зграда, за кој исто така денеска истражители вршеа претрес, е на име на фирма „ИКТ Инженеринг“.
Во едниот од овие станови Груевски, осомничен за купување плацеви и недвижнини на Водно, имал огромна библиотека. Другиот го користел како работен кабинет.
Сите четири стана, двата на име на мајка му, на секретарката и на фирмата, биле со последователни броеви. Биле еден до друг. Два од нив се споени, дознаваме од станари, и зафаќале цел агол од зградата – комплекс на Бихаќка.
Извори од истрагата велат дека денешниот претрес во новооткриените станови на избеганиот Груевски осуден, обвинет и осомничен за повеќе дела за организиран криминал, како и за организирање на крвавиот напад на Собранието на 27 април 2017 година, се повеќе попис за конфискација во иднина. Тежината на кривичните дела за кои се гони, како и финансиската штета што и е сторена на државата, е од огромни размери, па ќе треба да ја обештетува по евентуалните осудителни пресуди против него.
Овој денешен претрес во двата дополнителни стана на Груевски е во рамки на истрагата за плацевите на Водно купени, според Обвинителството, со пари на членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои уредно си плаќале членарина.
На име на мајка му, Груевски има уште два стана, во Аеродром и во Капиштец
С. К. ДЕЛЕВСКА