КОРОНАТА НЕ Е ЗАКАНА ЗА НАС, ИМУНИ СМЕ – БИТОЛСКАТА НАСЕЛБА БАИР СЕ ДАВИ ВО ЃУБРЕ И КАЛ, ВЛАСТИТЕ ВЕЛАТ САКААТ СИСТЕМСКИ ДА ГО РЕШАТ ПРОБЛЕМОТ

    КОРОНАТА НЕ Е ЗАКАНА ЗА НАС, ИМУНИ СМЕ – БИТОЛСКАТА НАСЕЛБА БАИР СЕ ДАВИ ВО ЃУБРЕ И КАЛ, ВЛАСТИТЕ ВЕЛАТ САКААТ СИСТЕМСКИ ДА ГО РЕШАТ ПРОБЛЕМОТВластите поставија заштитна ограда на обиколницата, но ѓубрето и натаму се фрла под мостот (Фото: СДК.МК)

    Снегот само ја замаскира дивата депонија во горниот неурбанизиран дел од населбата Баир во Битола, каде главно живее ромско население. Еден цел рид е прекриен со стари обувки, душеци, телевизори, теписи, пластики… За да се фотографира депонијата, газевме низ ѓубре. И излезот од местото водеше низ каллив пат послан со отпад. На некои места кокошки колваа низ сметот. Контраст на снегот даваа опожарените места кои локалното население ги запалило за да се ослободи од натрупаниот смет. Тука нема навики за хигиена, ни организирано подигање на сметот зашто нема ни асфалтен пат, оти секој градел куќи каде стигнал.

    „Нема ни ден ни ноќ за оние кои фрлаат смет. Еднаш им реков ќе ве снимам, ми одговорија ‘снимај, ако сакаш да те запалиме’. Куќата ми е на неколку метри од депонијата. Кога ќе се собере куп ѓубре, го палат. Пријавуваме во пожарна, а тие се спуштаат по околни патишта за да гаснат, зашто тука уличките се тесни, неасфалтирани, а некои под агол од 60 степени, што ни пожарна, ни брза помош, а најмалку камион на ‘Комуналец‘ може да дојде“, ни рече битолчанецот Владо Темелковски.

    Над депонијата е неурбанизираниот дел од населбата. Жителите се жалат дека немаат улици и никој не го собира сметот.

    Во Баир живеат над 500 семејства, а кај 400 од нив отпадот не се подига од страна на „Комуналец“ (Фото: СДК.МК)

    „Короната не е закана за нас, имуни сме. Газиме по калливи улици, без асфалт. Вода немаме сите, ни струја. Тука нема контејнери. Каде да го фрламе ѓубрето? Инаку кој сака да му мириса под прозорецот“, рече Мустафа Демири, жител на Баир.

    Неурбанизираната населба се протега од двете страни на обиколницата што минува над Битола. Откако властите поставија заштитна ограда, населението веќе не може по старо да го фрла ѓубрето на патот и да го пали. Оградата сега нуди звучна и сообраќајна заштита, но жителите го фрлаат ѓубрето под мостот, кој е единствен дел од патот оставен без бариера.

    Од јавното претпријатие „Комуналец“ објаснуваат дека редовно се собира смет каде што има техничка можност. За дивите депонии велат дека во неколку наврати ги чистеле и пак се создаваат. Тие вработија и локален жител, Мирсад Мухединов, кој секојдневно е вклучен во одржувањето на хигиената во ромската населба.

    Според истражувањето на Геосфера во проектот „Го сакам Бајрот чист“, дури 81 процент од патиштата во горниот дел од населбата се неасфалтирани, 369 метри асфлат наспроти 1.591 метри земја. Од центарот „Баирска светлина“ велат дека дивите депонии се проблем присутен откако е формирана дивата населба на улица Караорман 111 (каде сите домаќинства се водат на иста адреса), а така е 40 години.

    „Ова е веќе преминато во сложен проблем. Во таа населба живеат над 500 семејства, а кај 400 од нив отпадот не се подига од страна на ‘Комуналец’. Во такви услови, луѓето создаваат депонии кои и нив им пречат, па затоа се палат откако ќе се пренатрупаат“, вели Ремзи Медик од „Баирска светлина“.

    Според него, со изградбата на безвучниот ѕид најризничните точки останаа скриени од јавноста, а тоа се левата и десната страна од магистралниот пат после тунелот сѐ до крајот на мостот. Таква е ситуацијата и по атмосферскиот канал, што се протега од Бадембалари до Кркардаш. „Баирска светлина“ уште во 2004 година алармирала за оваа проблематика и организирала акции за чистење на депониите додека не биле натрупани.

    Општина Битола испрати допис до Владата за овој проблем и договорено е да се одржи работна средба во Собранието со претставници од ромската заедница. Се бара системско решение, проблем се и дивоградбите.

    Над 8о проценти од патиштата во горниот дел од населбата се неасфалтирани (Фото: СДК.МК)

    „Општината е свесна за проблемот со отпадот кој се фрла во горниот дел од населбата. Договорено е да има работна средба со претставници на ромската заедница во парламентот, со цел да се сублимираат сите материјали и да се бара соодветно решение, пред сѐ околу дивоградбите, кои се лоцирани на туѓи имоти и кои општината нема никакво право да ги легализира, ниту да обезбеди дополнителни услови. Планираниот урбанистички развој на целата територија на Општина Битола мора да се почитува и во населбата Баир“, велат од Општина Битола.

    Дури 80 проценти од населбата се неурбанизирани. Куќи никнуваат на сите страни. Пред неколку години изгоре трансформатор, до кој возилата на ЕВН не можеа да допрат поради дивоградба среде улица.

    Обезбедени се пари од ИПА2 за проектот „Баир – заедничка акција на Битола за вклучување на Ромите“ на фондацијата „ПРЕДА Плус“ во партнерство со Општината. Има за цел да ги поттикне социо-економската вклученост на ромската заедница и различни сектори на општеството во решавањето на прашањата од урбанизам, домување, инфраструктура, пристап до јавни услуги…

    Од Комуналната инспекција велат дека се вршат контроли и во неколку наврати биле затекнати лица кои палеле кабли. Против нив биле изречени парични казни.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира