Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го известила премиерот Зоран Заев дека ЕУ обезбедува 651.000 дози вакцини против ковид-19 за граѓаните на земјите од Западен Балкан и соодветен дел од нив, согласно бројот на жители, во текот на април ќе пристигнат и во Македонија.
„Во телефонски разговор со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен разговаравме за соработката меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан во овие услови на здравствена криза. Претседателката ме извести дека ЕУ обезбедува 651.000 дози вакцини за заштита од КОВИД-19 како директна помош за граѓаните на земјите од Западен Балкан, а соодветен дел од нив согласно бројот на жители во текот на април ќе пристигнат и во Северна Македонија“, напиша Заев на Фејсбук.
Фон дер Лајен твитна дека со Заев дискутирале за набавка на вакцини за Македонија со финансиски средства од Европската комисија со цел набрзо да се вакцинираат здравствените работници и ранливите категории граѓани.
Утре во Македонија треба да пристигне првата пратка вакцини од Ковакс програмата. Станува збор за 24.000 вакцини на АстраЗенека.