2.100 граѓани од македонската бизнис заедница викендов се вакцинираа против ковид во Ниш, во организација на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), кој настана во рамките на Берлинскиот процес како дипломатска иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел. КИФ е асоцијација на шесте национални комори од регионот на Западен Балкан со цел да се интензивира регионалната економска соработка и да се покренуваат заеднички активности кои се од интерес за бизнис-заедницата од регионот. Стопанската комора на Србија обезбеди 10.000 вакцини во договор со КИФ за бизнис заедницата од регионот.
„Досега се зборуваше дека насекаде има будали, а на Балканот е нивната централа. Оваа иницијатива на Коморскиот инвестициски форум е потврда дека Балканот може да биде перцепиран и од друг аспект. Оваа заедничка акција покажува дека ако се постигне консензус дека бизнисот и само бизнисот е приоритет, тој може во втор план да ги стави и национализмот и суетата и нетрпеливоста и да ги надмине сите бариери“, вели претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески за акцијата за вакцинирање во Србија.
Азески вели дека постојат две волшебни фрази за да не се заврши работата – не знам и не можам. Но, вели постојат и две фрази за да се заврши работата – бизнис и регонална соработка.
„Бизнисот врви таму каде што не поминува политиката. А регионалната соработка е поле за постојан раст на бизнисот. КИФ е создаден токму за тоа, да го промени менталниот склоп на Балканот“, вели Бранко Азески.
Почетоците и развојот на КИФ, како и приоритетните цели и полиња на дејствување се непосредно поврзани со Берлинскиот процес кој го иницираше германската канцеларка Ангела Меркел за подготовка на земјите од западниот Балкан за присоединување кон Унијата. Од 2017 година бизнис асоцијацијата функционира со седиште во Трст, Италија, а од неодамна, заради приближување на активностите на КИФ внатре во регионот, отворена е и претставничка канцеларија во Подгорица.
КИФ претставува повеќе од 350.000 компании од регионот на Западен Балкан и, како што вели Азески, суштината на оваа асоцијација може да се сведе во еден слоган „Еден регион – една економија“.
Со проектот „ЕУ поддршка за КИФ“, кој е поддржан со 2,5 милиони евра од ЕУ, ќе се придонесе БДП од глава на жител во регионот да порасне од една третина од просекот на ЕУ до 40%, увозот и извозот да пораснат на 57%, а меѓусебната размена во рамките на регионот од 4,5 милијарди да се зголеми на 6,6 милијарди евра.
Преку КИФ се спроведува и проектот за дуално образование и за учење преку работа, финансиран од Германската инвестициска банка (KFW), со цел да се зајакне важноста на пазарот на трудот со развивање на Регионалниот фонд на предизвици, кој е одобрен од страна на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој.
М. ИЛИОСКИ