СЕЛА И ГАШИ ЌЕ ГО БЛОКИРААТ ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ПОПИСОТ, А СО АМАНДМАНИ ВЕЌЕ БАРАЛЕ ОДЛАГАЊЕ

    СЕЛА И ГАШИ ЌЕ ГО БЛОКИРААТ ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ПОПИСОТ, А СО АМАНДМАНИ ВЕЌЕ БАРАЛЕ ОДЛАГАЊЕЗијадин Села, рече дека се работи за веќе виден филм идентичен на тој од 2011 година кога главните глумци биле Ахмети и Груевски (Фото:СДК.МК)

    Алијанса за Албанците, која заедно со Алтернатива денеска на прес-конференција експресно најавија дека ќе го искористат Бадентеровиот принцип да го блокираат одложувањето на Пописот, всушност претходно поднела амандмани тој да се одложи.

    Со амандманите Алијансата побарала еднаш операцијата на попишување да трае до 31 април, а следен пат до мај, односно до јуни.

    На денешниот прес, лидерите на овие две опозициони партии, Зијадин Села и Африм Гаши, кажаа дека не се согласуваат со одложувањето на пописот што беше начелно договорено на вчерашната средба на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Заев вчера остави резерва, начелниот договор со политичкиот противник сепак да го претстави и да разговара за него пред коалиционите партнери.

    Денеска Гаши рече дека одложувањето на Пописот на населението и домаќинствата е на штета на Албанците во Република Северна Македонија.

    „Од вчерашната средба има една добра и една лоша вест. Лошата вест е дека Заев и Мицкоски се договараа како никој друг да не постои во оваа држава, што е лошо за институциите и за таа мала демократска култура. Лошо е и тоа што албанскиот субјект во власта, ДУИ, исто како и во 2011 година кога Ахмети се договори со Груевски, по една декада ова го направи и со Заев“, кажа Гаши.

    Со амандмани, Алијанса веќе бараше одложување на пописот од април во јуни поради состојбата со пандемијата на ковид-19. (Фото: СДК.МК)

    Според него, Албанците во Македонија не се сирачиња. Има партии во опозицијата што ќе го заштитат нивното право, рече тој.

    Зијадин Села, рече дека се работи за веќе виден филм идентичен на тој од 2011 година кога главните глумци биле Ахмети и Груевски. Не ја спомна пандемијата, додаде дека прекинување на веќе почнат попис е кршење на законите и оти Алијанса ќе се обрати до сите институции, меѓу кои и до Обвинителството.

    Претходно министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека ако на денешната владина седница поминат двете мали измени за преместувањето на Пописот во септември (датумот на Пописот и рокот за попишување на дијаспората), тој ќе предложи Владата да го испрати во Собранието со европско знаменце и по скратена постапка, како што беше првично предложен.

    „Датумот на пописот е во една одредба и, наместо од 1 до 21 април, ќе го ставиме од 5 до 30 септември и делот дека дијаспората ќе може да продолжи да се попишува од 1 март, кога почна, до 30 септември, кога треба да заврши теренскиот дел на пописот“,
    рече Маричиќ.

    Кажа дека измените ги разгледувал со директорот и заменик-директорот на Државниот завод за статистика. Очекува пратениците да го усвојат утре.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира