Германскиот министер за здравство Јенс Шпан и 16-мината покраински министри за здравство решија да го суспендираат рутинското вакцинирање со „АстраЗенека“ за граѓаните под 60 години, но овие граѓани сè уште можат да ја примат вакцината против ковид-19 со одлука на доктор, по правење анализа на ризиците индивидуално и по темелно објаснување, според документите до кои дојде агенцијата ДПА.
Ваквата одлука доаѓа по извештаите за невообичаено појавување на згрутчување на крвта кај многу мал број млади луѓе кои ја примиле вакцината.
Германската комисија за вакцинација, позната под кратенката СТИКО, претходно препорача вакцината „АстраЗенека“ да се користи само кај граѓаните над 60 години. Оттаму соопштија дека ја донеле одлуката врз основа на во моментов достапните податоци за појава на ретки, но многу сериозни несакани ефекти поврзани со тромбоза.
Премиерот на Баварија Маркус Шредер за конфузијата со оваа вакцина рече дека можеби треба да им се остави на граѓаните самите да решат дали сакаат да ја примат.
„Во еден момент, со „АстраЗенека’ ќе треба да почнеме да работиме со голема слобода. Кој ќе сака и кој ќе има храброст, така да се изразам, треба да има можност да ја прими“, вели Шредер.
Неколку европски земји претходно месецов ја суспендираа употребата на „АстраЗенека“, но тогаш за постарите луѓе, место за помладите. Вакцинирањето продолжи откако регулаторното тело на ЕУ соопшти дека „АстраЗенека“ е безбедна за употреба за сите возрасти.
Освен Германија, препорака во врска со „АстраЗенека“ вчера издаде и Канада, но таму за употреба над 55 години. Шели Дикс, потпретседателката на Канадскиот комитет за имунизацијa, кажа дека комитетот препорачува вакцината „АстраЗенека“ да не се дава на лица под 55 години поради новите податоци од Европа кои сугерираат дека има ризик од згрутчување на крвта кај еден од 100.000 приматели на вакцината, што е многу повисоко од ризикот од еден од милион, како што се веруваше досега.
Таа кажа дека најголем дел од пациентите во Европа кои имале згрутчување на крвта по вакцинацијата со „АстраЗенека“ биле жени под 55 години и смртноста кај нив била 40 отсто.
Федералната институција „Хелт Канада“, како што објави агенцијата АП, досега не добила никакви извештаи за згрутчување на крвта на територијата на Канада и главниот медицински советник на ова тело д-р Суприја Шарма изјави дека таа верува дека ползата од вакцината значително ги надминува ризиците.
Синоќа, македонскиот министер за здравство Венко Филипче кажа дека водејќи се по примерот на Канада и Германија и кај нас лица помлади од 60 години нема да се вакцинираат против ковид-19 со „АстраЗенека“.
Во земјава денеска ќе стартува масовната вакцинација во здравствени домови и поликлиники во 12 градови, за лица над 77 години со првата пратка од 24.000 дози на вакцината од „АстраЗенека“.
Вакцината на „АстраЗенека“ е одобрена за употреба во над 70 земји и е главен столб на ковакс системот, кој има за цел да обезбеди вакцини против ковид-19 во сиромашните и земјите во развој. Македонија е дел од ковакс системот и во неделата ја доби првата пратка до 24.000 вакцини „АстраЗенека“, а во текот на април треба да пристигнат уште 76 илјади од овие вакцини.