Европскиот парламент го осуди предизборниот спот на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски со територијални претензии кон Северна Македонија и го повика бугарскиот премиер Бојко Борисов да го осуди видеото на неговиот коалиционен партнер.
„Изразуваме длабока загриженост во врска со неодамнешното видео на член на парламентот, во кое се изразуваат територијални претензии кон Северна Македонија од партија во бугарската влада и се покажува отворено непочитување на европските вредности, само за потребите на политичка кампања. Ова оди против основачките принципи на ЕУ и Договорот за добрососедство меѓу двете земји. Длабоко жалиме што видеото отворено не ги почитува напредокот и напорите направени од Северна Македонија на патот кон ЕУ, нешто што е признаено од Европскиот парламент, институциите на ЕУ и од земјите членки“, се вели во соопштението на делегацијата на Бирото на Европскиот парламент.
ЕУ има за цел да промовира мир, демократски вредности и добробит на граѓаните, надминување историските разлики и заедничка работа кон заедничка иднина, велат од Европскиот парламент и инсистираат Бугарија и Северна Македонија да продолжат со напорите кон добрососедски односи и какви било дејствија спротивни на овој дух се неприфатливи и треба да се избегнуваат
„Затоа, ја повикуваме бугарската влада, вклучувајќи го и премиерот, да го осудат ова видео објавено од неговиот коалиционен партнер и да се оддалечат себеси најјасно што може од ваквата реторика“, се вели во соопштението.
Европскиот парламент повикува и итно прифаќање на преговарачката рамка за Северна Македонија и одржување на првата Меѓувладина конференција без одложување со цел да почнат пристапните преговори за време на португалското претседателство.
Во видеото, објавено на 29 март, кое е предизборен спот на ВМРО на Красимир Каракачанов, Џамбаски, меѓу другото, вели: „Колку посилно врескате со вашите лаги, толку побрз и поужасен ќе биде вашиот крај. Македонија е бугарска, а Бугарија е над сè. Гласајте за ВМРО“. Џамбаски е и заменик-претседател на политичката партија ВМРО-БНД.