Вакцинирањето против ковид-19 од утрово започна и во Тетово, со вакцинација на два пункта во Здравствениот дом.
„За денеска имаме закажано 80 термини. Денеска, како прв ден од вакцинирањето, ќе работиме само во една смена но, веќе од почетокот на наредната недела вакцинирањето ќе се одвива во две смени односно од 8 до 20 часот. Очекуваме дневно да се вакцинираат од 140 до 160 лица. Целосно сме подготвени за непречено да го завршиме целиот процес на вакцинирањето, вакцини и персонал имаме доволно, а протоколите целосно се почитуваат. Вакцинирањето се одвива на два пункта и двата се во ЈЗУ Здравствен дом Тетово, на нив работат двајца лекари и помошен персонал. До минатата недела, преку сајтот вакцинација.мк и преку матичните лекари се пријавени 5.200 лица за вакцинирање. Во оваа фаза се вакцинираат лицата над 77-годишна возраст и за нив има обезбедено доволен број вакцини“, изјави Борислав Јоргаќиески, директор на Здравстен дом во Тетово.
Просториите на Здравствениот дом каде се одвива вакцинирањето, деновове беа целосно реновирани и опремени со потребниот материјал и техничка опрема за непречено оидвивање на процесот на вакцинацијата.
З. АНДОНОВ