Властите го идентификуваа лицето кое го изврши вчерашниот напад пред зградата на американскиот Конгрес, при што почина еден од двајцата повредени полицајци. Дваесет и петгодишниот напаѓач Ноа Грин од Индијана бил застрелан од полицаец откако со нож излегол од автомобилот кое удри во безбедносна бариера. Грин им подлегна на повредите во болница.
Властите сметаат дека нападот не е поврзан со тероризам, но најавија целосна истрага. Загинатиот полицаец Вилијам Еванс 18 години работел во полицијата на Капитол. Тој е седмиот припадник на овој оддел кој загинал на должност досега.
Полицијата објави дека Грин досега не бил заведен во нејзината база на податоци и најмногу информации за него добиле од неговата фејсбук страница.
Оттаму дознале дека Грин неодамна ја напуштил работата и дека страдал од несакани ефекти на лекови. Тој исто така се опишувал себеси како следбеник на црната националистичка верска организација Нација на исламот.
Нападот се случи речиси три месеци по крвавиот упад на приврзаниците на Доналд Трамп во Капитол, кога починаа пет лица, вклучувајќи полицаец.