Домот за стари лица во Берово се реконструира и проширува, па досегашните 30 станари ќе добијат нови десет цимери. Станува збор за заеднички проект на Источниот плански регион и Министерството за локална самоуправа, а со помош на Швајцарската агенција за развој и соработка.
„Вкупниот буџет на проектот изнесува 7,4 милиони денари. Објектот е реконструиран и адаптиран и доби дополнителни 180 квадратни метри. Надворешниот простор е хортикултурно уреден“, вели раководителката на Центарот за развој на Источниот плански регион, Зујица Ангелова.
Најавена е донација од Франција со посредство на асоцијацијата „Алзас-Македонија“, која се состои во столчиња, душеци, разни помагала, рентген апарат и друга опрема.
„Наша цел е подобрување на квалитетот на активното живеење на постарите лица. Исто така, со ова ќе се намали листата на чекање за место во домот, кој ќе го заокружи бројот на згрижени лица на речиси 40. Ова ќе отвори потреба и за седум-осум нови вработување во домот“, вели директорката Живка Бојчевска-Каламадевска.
Т. ЈОВАНОВСКИ