БУГАРИТЕ ГЛАСААТ НА ИЗБОРИ ШТО МОЖЕ ДА ВЛИЈААТ И НА ЕВРОПСКАТА ИДНИНА НА МАКЕДОНИЈА

    БУГАРИТЕ ГЛАСААТ НА ИЗБОРИ ШТО МОЖЕ ДА ВЛИЈААТ И НА ЕВРОПСКАТА ИДНИНА НА МАКЕДОНИЈАБојко Борисов води во сите анкети, но неизвесно е дали ќе може да формира влада

    Откако ги преживеа политичките турбуленции и секојдневните протести против корупција, Бојко Борисов го поврати рејтингот и се очекува неговата партија ГЕРБ да освои најмногу гласови на денешните парламентарни избори во Бугарија, кои се одржуваат среде повторното големо ширење на коронавирусот.

    Изборите би можеле да го обликуваат и исходот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, на што Бугарија стави вето во ноември.

    Некогашниот пожарникар и телохранител и неговата партија доминираат на бугарската политичка сцена повеќе од една деценија, но неговата популарност беше сериозно разнишана лани, кога антивладините демонстрации ја зафатија земјата со месеци. Илјадници Бугари секојдневно излегуваа на улица, барајќи оставка на Борисов и обвинувајќи ја владата дека не се бори против корупцијата и им дава преголема моќ на олигарсите. Борисов одби да се повлече и место тоа, смени неколку министри.

    Во деновите пред изборите, народниот гнев веќе беше заборавен и предизборните анкети велат дека ГЕРБ ќе освои 28,4% гласови, додека на второто место се опозициските социјалисти (БСП) на Корнелија Нинова со 22,9%. Се предвидува и дека некои мали партии за првпат ќе влезат во парламентот. Меѓу нив е и партијата Има таков народ, што лани ја основа популарниот пејач, актер и шоумен Станислав Трифонов-Слави, за која се вели дека може да има важна улога на изборите.

    Анкетите исто така предвидуваат дека формирањето на владата ќе биде неизвесно.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира