ЖИТЕЛИТЕ НА РОМСКОТО МААЛО ВО ВИНИЦА ПРОТЕСТИРААТ ЗАШТО ПРЕД 10 ДЕНА ИМ БИЛА ИСКЛУЧЕНА СТРУЈА, А НЕКОИ РЕДОВНО ГИ ПЛАЌААТ СМЕТКИТЕ

    ЖИТЕЛИТЕ НА РОМСКОТО МААЛО ВО ВИНИЦА ПРОТЕСТИРААТ ЗАШТО ПРЕД 10 ДЕНА ИМ БИЛА ИСКЛУЧЕНА СТРУЈА, А НЕКОИ РЕДОВНО ГИ ПЛАЌААТ СМЕТКИТЕРомското маало во Виница брои околу 250 куќи и предвидено е овој дел да се урбанизира со европски пари

    Над 1.000 жители на ромското маало во Виница од вчера почнаа мирно да протестираат поради тоа што во нивниот реон пред десет дена била исклучена струја на сите 250 куќи. На синоќешниот протест присуствуваа и претставници на неколку невладини организации.

    „Дел од нашето маало си ги плаќа сметките, а струјата сега е исклучена на сите. Најболно е што нашите деца кои имаа услови да следат онлајн настава сега не се во можност да го прават тоа“, вели Аднан Јашаров.

    Тие објаснуваат дека побарале средба со градоначалникот на Виница и со останатите фактори во градот, но досега не успеале да ја остварат. Лути што надлежните немаат слух за нивните проблеми, велат дека од утре секојдевно ќе протестираат на плоштадот во Виница пред општинската зграда.

    „Не можат да ја исклучат струјата на тие што платиле. А, и тие што не платиле, ќе платат кога ќе бидат во можност во ова кризно време. Едно од моите деца има церебрална парализа. Страшно е, се вознемири што овие денови палиме свеќи во собата“, вели Мелек Мустафова, мајка на пет деца.

    Градоначалникот на Општина Виница беше недостапен и за нас. На интернет страницата на локалната самоуправа стои дека прашањата на ромската заедница ќе се решаваат со проекти на Европската комисија за инклузија на Ромите, при што биле обезбедени речиси 550.000 евра за урбанизација. Во рамките на овој проект било предвидено да се реконструираат 22 куќи во ромското маало и помош за 116 семејства за да го завршат процесот на легализација на бесправно изградените објекти.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира