Петмина антиваксери се приведени оваа недела во Србија поради кампањата против вакцинирањето, а еден од нив примил вакцина против ковид-19, изјави премиерката Ана Брнабиќ.
„Од петтемина антиваксери кои се приведени, еден се вакцинирал и истовремено ширел најстрашни можни лаги за вакцинирањето. Значи, тој се заштитил себеси, а им кажува на други дека не треба да се вакцинираат. Тоа е најстрашно лицемерие. Антиваксерите ги загрозуваат националната безбедност и животите на луѓето, така што на социјалните мрежи шират паника и лажни вести“, изјави Брнабиќ.
Србија е еден од светските лидери во имунизацијата против ковид-19. Од речиси седум милиони жители, над 2,5 милиони ја примиле првата доза од вакцината против ковид-19, а над еден милион и втората, односно над 15% од популацијата е целосно вакцининирана.
„И покрај силното антиваксерско лоби, ние сме најдобри во Европа според бројот на вакцинирани“, додаде Брнабиќ.