ПРАЌАЈТЕ ПИСМА СО ПОШТЕНСКАТА МАРКА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ, ДА ЈА ПРОШИРИМЕ НИЗ ЦЕЛ СВЕТ, ВЕЛИ МАКРАДУЛИ

    ПРАЌАЈТЕ ПИСМА СО ПОШТЕНСКАТА МАРКА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ, ДА ЈА ПРОШИРИМЕ НИЗ ЦЕЛ СВЕТ, ВЕЛИ МАКРАДУЛИПоштенската марка дд денес може да се најде во Бирото за филателија во Пошта 2. (Фото: МИА)

    Пригодна поштенска марка со ликот на Блаже Конески од денеска е пуштена во оптек, во чест на 100-годишнината од раѓањето на кодификаторот на македонскиот јазик, рече денеска директорот на АД Пошта, Јани Макрадули.

    Марката е илустрирана со портретот од уметникот Димитар Кондовски, отпечатена е во 6 илјади примероци, во вредност од 72 денара. Од денес може да се најде во Бирото за филателија во Пошта 2, рече Макрадули.

    „Верувам дека за сите граѓани, а особено за филателистите, ќе биде предизвик да се вметна оваа марка во нивната колекција. Но, и да ја прошириме низ цел свет, да стане повидлива. Сите да испратиме барем едно писмо до некој кој ни недостига и да ја ставиме марката со ликот на Конески. Особено во ова тешко време кога ковид пандемијата нѐ разделува, оваа марка да нѐ сплоти“, рече директорот.

    Покровител на одбележувањето на јубилејот кој ќе се слави цела година е претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека за жал и после децении од кодифицирањето на македонскиот јазик, сведоци сме на негации и притисоци, но вели, го радува  фактот дека внатрешно немаме никави колебања, и што обединети стоиме во одбрана на македонскиот јазик.

    „Впрочем негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон делото на Конески, туку и долг кон самите себеси. Долг кон сите наши предци и кон идните генерации“, рече Пендаровски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира