СДСМ и пратеникот Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, денеска поднесоа иницијативи до Собранието и до претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за свикување итна седница за распуштање на Парламентот, согласно Договорот од Пржино во април годинава.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески објасни дека според Договорот на четирите партии предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 11 декември. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски треба да закаже итна собраниска едница на која ќе се изгласа распуштањето на Собранието, а потоа треба да ги закаже изборите на 11 декември.
На новинарско прашање, тој одговори дека има време до седницата за распуштање, да се закаже и итна седница за изгласување на Законите за СЈО и за Заштита на сведоци, кои по вторпат ги предложи Трајанов.
Трајанов го искажа истиот став, со тоа што дополни дека дозволено е одложување на распуштањето на Собранието од три-четири дена, ако “ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА покажат волја да се изгласаат двата закона без кои Специјалното обвинителство не може непречено да работи“. Трајанов кажа и дека има коментари дека има договор на четирите партии да се одложат изборите.