Во наредниот период ќе се распише јавниот повик за доделување субвенции за купување велосипеди, а потребни се фискални сметки за купен велосипед од 1 јануари 2021, велат од Град Скопје. За оваа намена во Буџетот на Град Скопје за 2021 се предвидени 8,5 милиони денари (околу 140 илјади евра), со што и годинава ќе се доделат субвенции за околу 2.800 велосипеди.
Средствата што Градот ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, а јавниот повик ќе се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“.
Во 2018, 2019 и во 2020, Град Скопје додели над 10.000 субвенции за граѓаните што купија велосипед.
„Градот Скопје во континуитет работи на подобрување на велосипедската инфраструктура во Скопје, а годишно се градат над 15 километри нови или се реконструираат постојни велосипедски патеки. Годинава ја надминавме должината од вкупно 100 километри велосипедски патеки во Скопје. Целосно се отстранети несоодветно поставените билборди и реклами од велосипедските патеки во Малиот ринг, со што се стимулира користењето на велосипедот“, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.
Б. НЕСТОРОСКА