Израелската влада донесе одлука за целосно отворање на училиштата, четири месеци откако ја почна програмата за имунизација против ковид-19, која се смета за една од најуспешните на светот. Место во мали групи, предавањата повторно ќе се одвиваат во нормални класови.
„Во исто време, ќе биде воведен систем за набљудување, со цел брзо да се откријат случаи на зараза“, изјави премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Од почетокот на вакцинирањето во Израел на 9 декември, бројот на новозаразени и сериозно болни од ковид-19 е во голем пад, а властите почнаа постепено да ги олеснуваат рестрикциите.
Повеќе од половина од израелското население е целосно вакцинирано, а програмата ги опфати и средношколците од 16 до 18 години. Здравствените власти најавуваат дека возрасната граница за вакцинирање ќе биде спуштена до 12 години.