УПИСИТЕ НА ПРВАЧИЊАТА ЌЕ БИДАТ И ОНЛАЈН ОД МАЈ, НАЈАВИ МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКА

    УПИСИТЕ НА ПРВАЧИЊАТА ЌЕ БИДАТ И ОНЛАЈН ОД МАЈ, НАЈАВИ МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКАПрвачињата ќе се запишуваат онлајн преку сајот uslugi.gov.mk. - Од ланските уписи на првачиња во јуни. (Фото: К. Попов)

    Запишувањето на децата во прво одделение во мај ќе може да се направи и електронски, најави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска. Преку порталот uslugi.gov.mk , родителите/старателите можат да пополнат апликација, да изберат училиште и да ги прикачат потребните документи за вакцинации и прегледи.

    „Од мај стартуваат уписите во основно образование. Новиот Концепт за реформата во основното образование е донесен, новите програми за прво одделение се донесени, објавени се конкурси за пишување на нови материјали за учење коишто треба да бидат на ниво на квалитет што го имаат развиените земји и на ова комплементарно е и услугата онлајн запишување на учениците од прво одделение. Сигурна сум дека родителите ќе ја искористат и дека ќе имаме помалку гужва во училиштата и ќе имаме современ пристап во запишувањето во основното училиште. Понатаму ќе работиме и на средното образование“, најави министерката Царовска.

    Министерката денес учествуваше на онлајн конференцијата за дигитализација на услугите во областа на образованието, заедно со министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, британскиот заменик амбасадор Доминик Отвеј, Каидо Пабуск виш советник за политики во СИГМА, Боро Јакимовски, професор на ФИНКИ, како и Неда Малеска-Сачмароска, извршна директорка и Мартин Тодевски, програмски координатор од Центарот за управување на промени.

    Од Министерството за образование и наука (МОН) најавуваат дека во следниот период ќе се дигитализираат услугите поврзани со наука и во делот на основно и средно образование, услугите од е-дневник родителите да ги добиваат на веб-апликација како сумирани извештаи еднаш неделно.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира