Расте интересот за вакцинирање против ковид-19 во Тетово. Од Здравствениот дом велат дека денеска се пријавиле повеќе лица, па пунктот за вакцинирање ќе работи во две смени. Спуштена е и старосната граница, па сега се вакцинираат оние нaд 75-годишна возраст.
„Во изминативе две недели, вакцинирани се 576 лица, а до крајот на денов таа бројка сигурно ќе биде над 600. Во овој период работевме во една смена, при што од 80 дневни термини, во просек вакциниравме шеесетина лица. Од податоците кои денеска ги добивме од системот произлезе дека се пријавени повеќе од предвидените 80 лица, па затоа воведовме и втора смена, па денеска вакцинирањето ќе трае до 18:30 часот. Во зависност од бројот на пријавени лица, ние во секој момент сме подготвени да воведеме и втора смена“, изјави Дрита Зибери, главна сестра на пунктот за вакцинирање против ковид-19.
Вакцинирањето во Тетово во овој момент се врши само во Здравствениот дом, но ако се јави уште поголем интерес, брзо можат да се отворат и други пунктови. Засега вакцинирањето се одвива од понеделник до петок, бидејќи токлу термини се добиваат преку апликацијата „Мој термин“, но откако ќе почне масовната вакцинација, тогаш ќе се работи и во викенди, велат од оваа здравствена установа.
Вакцинирањето започна на 2 април и досега кај ниту едно од 576 вакцинирани лица не се забележани посериозни здравствени проблеми, освен оние симптоми кои се карактеристични за примање на вакцина.
З. АНДОНОВ