Во спортската сала на средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово привршува адаптацијата на просторот во регионален центар за масовна вакцинација против ковид-19. Во центарот дневно ќе можат да се вакцинираат 1.500 лица. Се очекува масовната вакцинација да почне следната недела, со што ќе се овозможи месечно да се вакцинираат 50.000 граѓани од Тетово и Полошкиот Регион.
Од Здравствениот дом велат дека, како и досега, нивните вработени ќе бидат задолжени за одвивањето на масовната вакцинација.
„Лекарите и медицинските сестри од Здравствениот дом во Тетово ќе ги прават прегледите и вакцинацијата. Се очекува да добиеме поддршка во административниот дел од други установи, како Црвен крст и студенти по медицина, по примерот на Скопје“, изјави Борислав Јоргаиески, директорот на Здравствениот дом.
Додека се чека на почетокот на масовната имунизација, вакцинацијата според старосните категории тече непречено, па само вчера биле вакцинирани околу 200 лица.
З. АНДОНОВ