Топлото време во последниве неколку денови забрзано го истопи поголемиот дел од снегот на Попова Шапка но, наместо да се појави зелена трева, на виделина излезе сето ѓубре што бројните посетители го фрлале преку целата зима, а никој не го исчистил. Остатоци од прехранбени производи, амбалажа, пластични и стаклени шишиња, хартија и секаков друг смет ги преплавија терените на овој наш зимски туристички центар.
Но, уште пострашно од ова е што засега никој не презема активност за да го исчисти сметот, ниту ЈКП од Тетово ниту надлежните од ски-центарот Попова Шапка. Едните се жалат дека немаат доволно механизација, другите најавуваат дека наскоро ќе чистат кога ќе се истопи снегот.
На ова реагираат и посетителите на Попова Шапка кои деновиве тука ги поминуваат празничните денови.
„Попова Шапка од ден на ден пропаѓа, без никаква шанса за просперитет и напредок. Локалната самоуправа наполно го има заборавено овој таканаречен зимски центар, инспекциски служби како да не постојат, а полициската станица веројатно служи само за декор. Ваква жална слика не се памети. Неверојатна е негрижата од институциите во државата“, вели тетовецот Кочо Тулевски кој е еден од редовните посетители на Попова Шапка.
Но, според Тулевски, освен енормното загадување со фрлање разновидни отпадоци, Попова Шапка е уште позагрозена од крајната негрижа на луѓето што управуваат со ратраците. Кога нема доволно снег овие машини не треба да се употребуваат но, во овој период со нив се превезуваат скијачи до повисоките предели каде има снег. При секое нивно минување преку места каде нема снег го оштетуваат теренот и ја упропастуваат природна средина.
„Од една страна брда ѓубришта, од друга, неверојатно уништување на планината од ратраци кои дивеат вон зимската сезона. Она што го оставаат зад себе природата нема да може да го регенерира со години наред“, револтирано зборува Кочо Тулевски.
Од ски-центарот попова Шапка на ЕЛЕМ Турс велат дека надлежни за собирањето на сметот се од ЈКП Тетово, но тие, поради недоволна механизација не си ја обавуваат работата така како што треба.
„Во текот на зимската сезона ЈКП Тетово сметот од Попова Шапка го собираше два пати неделно а сега, кога сезоната е завршена, сметот се собира само еднаш во неделата. Тоа ни во сезоната, а и сега ни од далеку не е доволно. Од Општината велат дека немале доволно механизација. Ние сега чекаме снегот уште малку да се истопи па, како и секоја година, да организираме еко акција за чистење на сметот на патеките и околу хотелите. Сепак, контејнерите треба да ги чисти Општината бидејќи тука се фрла и смет од викенд населбата. Баш вчера дуваше силен ветер и сиот не исчистен смет од контејнерите го одвеа насекаде по доловите и патеките. Што се однесува до оштетувањето на патеките од страна на ратраците, тоа се прави со возилата на некои од приватните хотели на Попова Шапка кои имаат петнаесетина ратраци. Тие не се во состав на ски-центарот. Секое проаѓање со ратрак по места каде нема доволно снег ја оштетува патеката“, вели Живе Алексовски, извршен директор на ЕЛЕМ Турс.
З. АНДОНОВ