Џо Бајден постави нова цел за својата администрација, откако 200 милиони луѓе беа вакцинирани против ковид-19 во првите 100 дена од неговиот мандат во Белата куќа. Тој сака 70% од возрасното население на САД да прими најмалку една доза до 4 јули, кога се одбележува Денот на независноста, а 160 милиони луѓе да бидат целосно вакцинирани.
„Се разбира, Американците ќе можат да се вакцинираат и после 4 јули, но никој не би требало да чека. Ајде да се обидеме да ги достигнеме тие 70% до тој ден. Тоа е уште една огромна цел“, кажа Бајден.
Тој додаде дека Денот на независноста може да се прослави и како ден кога Американците се ослободиле од вирусот.
„Имаме доволно вакцини. Вакцинирајте се! За два месеца да ги прославиме нашата независност како нација и нашата независност од вирусот“.
До денеска, над 105 милиони Американци целосно се вакцинирале, а уште 147 милиони примиле барем една доза. Над 40% од возрасното население е целосно вакцинирано.