Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен на денешната средба со премиерот Зоран Заев во Брисел кажала дека се залага Македонија и Албанија заедно да ги продолжат преговорите со ЕУ без одлагање. Како што соопшти Владата, Заев на средбата добил уверување дека „Европската комисија ќе се вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман, бидејќи ова е многу важен процес кој не смее да го одложи стартот на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ“.
Заев на средбата со Фон дер Лајен кажал дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет, наметнати како прашања од Бугарија, воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел, и дека Северна Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина.
„Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“, кажал Заев.
Заев додал дека Северна Македонија ги спроведе сите реформи, дека нивната имплементација е предмет на неколку процеси за примена на европските стандарди дома и дека се исполнети сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство.
Северна Македонија има чиста препорака за почеток на пристапните преговори од Европската комисија, но конечната одлука ја носи Европскиот совет, каде што Бугарија стави вето.
Претходно денеска, на средбата во Брисел Заев на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји му кажал дека колегите во Бугарија и сите во Европската унија треба да знаат дека секој обид македонскиот идентитет да биде ставен на преговарачка маса ќе бидат одбиен.
Еврокомесарот Вархеји минатата недела при посетата на Скопје кажа дека Албанија може да ги почне пристапните преговори пред Македонија ако не се реши спорот со Бугарија.
А. АНТЕВСКА