Непријателството помеѓу Хамас и Израел дополнително ескалираше утрово со најжестоките ракетни напади во последните неколку години, во кои досега загинаа 35 луѓе во Газа, вклучувајќи десет деца и пет во Израел.
Израелската војска денеска изведе стотици воздушни напади на Газа, додека палестинските милитанти ги гаѓаа Тел Авив и Бершева. Една повеќекатница во Газа се урна, а друга е тешко оштетена, откако беа ракетирани во повеќе наврати.
Израел кажа дека цел на неговите авиони биле неколкумина водечки разузнавачи на Хамас, како и локации за лансирање ракети.
Ова е најжестоката размена на огнот помеѓу Израел и Хамас од војната во Газа во 2014 година и меѓународната заедница стравува дека ситуацијата би можела да излезе од контрола. Израел прогласи вонредна состојба во централниот град Лод поради нередите на локалното арапско население, при што татко и ќерка загинаа откако нивниот автомобил бил погоден со ракета. Во градот се запалени и неколку синагоги.
Израелската армија кажа дека од понеделникот, кога ситуацијата ескалираше, повеќе од 1.000 ракети биле испукани кон централниот и јужниот дел на земјата.
„Ова е само почеток“, кажа министерот за одбрана Бени Ганц за израелските напади, на што Хамас одговори дека е подготвен.
Насилството уследи по неколку недели тензии во Ерусалим, што кулминираше во понеделникот, кога повеќе од 300 Палестинци беа повредени во судирите со израелските безбедносни сили пред светата џамија Ал-Акса.
„Милитантите ќе платат висока цена за ракетите“, се закани премиерот Нетанјаху.