ОБЕЗБЕДЕНО РЕВАКЦИНИРАЊЕ ВО СРБИЈА НА 2.200 МАКЕДОНЦИ КОИ ПРВАТА ДОЗА „АСТРАЗЕНЕКА“ ЈА ПРИМИЈА ВО МАРТ ВО АКЦИЈАТА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА

    ОБЕЗБЕДЕНО РЕВАКЦИНИРАЊЕ ВО СРБИЈА НА 2.200 МАКЕДОНЦИ КОИ ПРВАТА ДОЗА „АСТРАЗЕНЕКА“ ЈА ПРИМИЈА ВО МАРТ ВО АКЦИЈАТА НА СТОПАНСКАТА КОМОРАПрвата вакцина беше примена во спортската сала Чаир во Ниш на 27 и 28 март (Фото: СДК.МК)

    За македонските граѓанки и граѓани кои кон крајот на март се вакцинираа против ковид-19 во Србија во организација на Стопанската комора на Северна Македонија обезбедена е ревакцинација на 19 и 20 јуни во Ниш, каде и што ја примија првата вакцина, соопшти Стопанската комора.

    Станува збор за 2.200 бизнисмени кои на 27 и 28 март ја примија првата доза од вакцината „АстраЗенека“ во рамки на акцијата координирана од Коморскиот инвестициски форум (КИФ) со седиште во Трст, а во организација на Стопанската комора на Србија.

    Ова е потврдено на последната седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум што се одржа во петокот во Белград.

    Во рамки на акцијата на КИФ последниот викенд од март беше реализирна вакцинација и за повеќе од 7.600 стопанственици од Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Црна Гора во Белград.

    Коморскиот инвестициски форум е здружение на сите стопански комори од регионот  обединети под мотото “Еден регион, една економија“, поддржан од Европската унија во рамки на иницијативата на Ангела Меркел „Берлински процес“ за приближување на Западниот Балкан кон ЕУ.

    Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески вели дека активноста на КИФ со вакцинацијата организрана од партнерската Стопанска комора на Србија за сите бизнисмени од регионот на дело ја покажа солидарноста на бизнисите од Западен Балкан, дурии во тешки услови во време на пандемија да се делува заеднички како Регион.

    „И останатите активности предвидени за наредниот период ќе ја потврдат таа максима бидејќи регионалниот пристап во нашето работење нема алтернатива“, вели Азески.

    Од Стопанската комора на Северна Македонија соопштуваат дека Управниот одбор на Коморскиот инвестиционен форум покренал иницијатива за иста ваква акција кон крајот на месец јуни со нова количина од 10.000 вакцини за деловниот сектор од земјите членки на Коморскиот инвестиционен форум на Западен Балкан (Србија, Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина).

    Македонските здравствени власти немаат точен податок колку македонски државјани се вакцинирани во Србија. Се претпоставува дека станува збор за околу 15.000 луѓе кои главно ја имаат примено првата доза на „АстраЗенека“. Со оглед на тоа дека во Македонија оваа вакцина не се дава на лица помлади од 60 години, повеќето ќе мора на ревакцинација да заминат повторно во Србија, каде што и им е закажан датум уште при првата имунизација кон крајот на март.

    Во петокот, во интервју за „Прва ТВ“, претседателот на Србија Александар Вучиќ кажа дека имаат доволно вакцини, па наскоро сите граѓани од регионот ќе можат таму да се вакцинираат. Премиерката Ана Брнабиќ рече дека очекува земјата да се ослободи од ковид-19 на 21 јануари кога би требало да бидат вакцинирани 50 проценти од полнолетните граѓани.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира