БЕСПРАВНО ГРАДЕЊЕ ТРЕБА ДА БИДЕ КАЗНИВО И ЗАКОНОТ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ДИВОГРАДБИ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ДОНЕСЕ, БАРА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ

    БЕСПРАВНО ГРАДЕЊЕ ТРЕБА ДА БИДЕ КАЗНИВО И ЗАКОНОТ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ДИВОГРАДБИ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ДОНЕСЕ, БАРА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИПросторот е необновлив извор и сите непланирани повреди треба да бидат соодветно санкционирани, велат од ААМ. (Фото: СДК.МК)

    Асоцијацијата на архитекти на Македонија(ААМ) е против повторно носење нов Закон за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти затоа што тој ги суспендира сите важечки прописи за урбанистичко планирање кои се грижат за квалитетот на изградениот простор и дава погрешен сигнал дека бесправното градење нема да се казнува. Од ААМ инистираат дека ако сепак се донесе, во Законот задолжително да се вметне потребата од спроведување на сите постапки неопходни за добивање дозвола за градба. Асоцијацијата бара поддршка за оваа инцијатива и од Комората на градежни инженери и другите струкови здруженија.

    „Бесправното градење треба да биде казниво. Просторот е необновлив извор кој треба многу внимателно и паметно да се планира. Сите непланирани повреди на истиот треба да бидат соодветно санкционирани“, велат од ААМ.

    Од таму потенцијраат дека Законот е во колизија со важечките закони за урбанистичко планирање и законот за градење, бидејќи ја негира нивната суштина која се однесува на процедурите востановени за стратегиско планирање и организирање на изградената средина и управување и заштита на природните ресурси.

    „Дополнително, со ваквите законски решенија се поништуваат сите стручни процедури од план до градба, нешто кое треба да ги гарантира правниот, но и безбедниот статус на секоја градба, при што никако не смее да се елиминира аспектот на зачувување ниту на приватниот, ниту на јавниот интерес. Бесправно изградените објекти ги проблематизираат реализациите на легалните детални планови и генерираат просторни, инфраструктурни, но и финансиски проблеми во случај на нивно рушење и обесштетување на веќе легализирани објекти. Повторното амнестирање на, со закон санкционирани активности во просторот не само што нема да реши ниту еден проблем туку дополнително ќе ги заостри, со очигледно занемарување на владеењето на правото во делот на уредување и управување со просторот“, велат од ААМ.

    ААМ апелира уште еднаш да се разгледа потребата од носење нов Закон, затоа што со ваква декриминализација на бесправното градење се доведува во прашање и правната, материјалната, социјалната и финансиската еднаквост на учесниците во градбениот процес.

    „Односно, државата покрај тоа што не успева да го менаџира просторот, не успева ниту во правниот сегмент од нејзиното правично владеење. Потсетуваме дека целиот процес на легализација на бесправно изградените објекти трае повеќе од 10 години и тука се поставува прашањето дали ќе се продолжи и со трет закон. Законот за легализација изгласан во 2011 година требаше да претставува трајно решение, нешто кое е спротивно на актуелните случувања со новиот закон (кој е во процедура) од кој се гледа дека решение повторно нема ниту на повидок“, велат од ААМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира