Американскиот претседател Џо Бајден ги укина санкциите за компанијата која го гради гасоводот „Северен тек 2“, што ќе ги поврзе Германија и Русија, за која тој е исклучително важен геополитички адут. Санкциите се укинати и против извршниот шеф на фирмата која стои зад проектот, кој е соработник на Владимир Путин.
Гасоводот, кој ќе транспортира гас од рускиот Арктик преку Балтичкото Море до Германија, е веќе 95% завршен.
Во извештајот на Стејт департментот се вели дека компанијата „Норд стрим 2 АГ“ и нејзиниот шеф Матијас Варниг, кој е поранешен источногермански разузнувач, се вклучени во спорни активности, но во интерес на САД било санкциите да се тргнат.
Бајден во неколку наврати кажа дека се спротивставува на проектот вреден 11 милијарди долари, додека државниот секретар Ентони Блинкен неодамна кажа дека „ќе сторат сè што можат гасоводот да не се комплетира“.
„Бајден сака да има предвидлив, стабилен однос со Русија“, изјави сега Блинкен, додека портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, кажа дека ова е позитивен сигнал.