Во регионалниот пункт во спортската сала „Перо Наков“ во Куманово до денеска се вакцинирани 13.800 граѓани од општините Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Кратово и Ранковце. Утре ќе се вакцинираат уште 200 граѓани и со тоа ќе се потрошат количините на кинеската вакцина кои ги доби Здравствениот дом во Куманово. Истовремено е завршена ревакцинацијата на 500 граѓани постари од 70 години со втората доза на „Фајзер“.
„Во моментот се вакцинираат наставници од основните училишта и вработени во градинките и со тоа ќе завршиме со првата доза на кинеската вакцина ‘Синофарм‘. Чекаме насоки од Министерството за здравство со која вакцина ќе продолжиме од понеделник“, изјави Снежана Јовановска, раководителка на одделението за вакцинација во Здравствен дом Куманово.
Таа е задоволна како тече процесот на имунизација, но апелира граѓаните да не доаѓаат без термин, бидејќи бројот на вакцини е ограничен.
Во пунктот во Куманово дневно се вакцинираа од 1.000 до 1.700 граѓани, а интересот од ден на ден се зголемуваше и граѓаните често доаѓаат и покрај тоа што не се пријавени. Тука се вакцинираше и претседателот Стево Пендаровски.
С. НИКОЛИЌ