ВО ТЕТОВСКИОТ РЕГИОН МЕСЕЧНО СЕ ПРОНАОЃААТ ДЕСЕТ НЕЕКСПЛОДИРАНИ СРЕДСТВА ОД ВОЈНИТЕ

    ВО ТЕТОВСКИОТ РЕГИОН МЕСЕЧНО СЕ ПРОНАОЃААТ ДЕСЕТ НЕЕКСПЛОДИРАНИ СРЕДСТВА ОД ВОЈНИТЕВо Тетово се одржа едукативна акција за запознавање на граѓаните со опасноста од неексплодирани средства (Фото: СДК.МК)

    Опасноста од неексплодирани средства сѐ уште демнее во Тетовскиот Регион. Во нивите, покрај патиштата, а честопати и во домовите може да се најдат рачни бомби, мини, проектили од рачни фрлачи и други средства. Дел од нив се од војните кои се воделе во минатото, дел се останати од конфликтот од 2001 година. Поради ова, Дирекцијата за заштита и спасување, во соработка со СВР Тетово и Факултетот за безбедност од Скопје, одржаа едукативна акција за запознавање на граѓаните со опасноста од неексплодирани средства.

    „Во Тетовскиот Регион во просек пронаоѓаме и отстрануваме 10 неексплодирани средства месечно. Најчесто тоа се рачни бомби, гранати, проектили од рачни фрлачи. Во 2019 собравме преку 20.000 куршуми. Овие средства најчесто ги наоѓаме во ниви и покрај патишта, каде што граѓаните најчесто ги оставаат. За среќа, досега немаме забележано некој да е повреден или да настрада“, вели Ариф Арифи, раководител во Дирекцијата за заштита и спасување во Тетово.

    Во едукативниот материјал што им се делеше на минувачите е објаснето како да се постапува кога ќе се наиде на неексплодирани средства.

    „Ако некој од граѓаните има сознание за неексплодирани сердства, веднаш треба да пријави во Дирекцијата за заштита и спасување. Сакам посебно да напоменам дека пријавувачот нема да има никакви последици поради тоа, односно против него нема да се поднесуваат пријави, дури и ако овие средства се наоѓаат во неговиот дом“, додава Арифи.

    Едукацијата на населението е важен сегмент во отстранувањето на неексплодираните средства, а оваа активност е дел од меѓународен проект, во кој се вклучени универзитети и центри за истражување од Македонија, БиХ и Грција.

    Се работи за двегодишен проект, спонзориран од Програмата за мир и безбедност на НАТО. На територијата на Солунскиот фронт од Првата светска војна има останато голем број гранати, но тие можат да се најдат насекаде, па и во Тетовскиот Регион“, изјави Александар Иванов, професор на Факултетот за безбедност во Скопје.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира