По тримесечниот куќен притвор, битолскиот градоначалник Владимир Талески се вклучува во предизборните активности на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Тој попладнево се појави на прес конференција што во Битола го одржа Антонио Милошоски, кој најверојатно ќе биде идниот носител на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица.
Талески застана зад Милошоски заедно со довчерашните пратеници на партијата, актуелните советници и директори на институции од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е осомничен во случајот „Транспортер“ на СЈО за злоупотреби во организирањето на школскиот превоз.
Милошоски иако зборуваше за престојните избори, не кажа дали тој ќе биде носител на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица. Не откри ни кои битолчани ќе се најдат на листата, само најави дека ќе има и стари и нови кандидати.