Претседателите на Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев, на 26 и 27 мај заеднички ќе оддадат почит на делото на Свети Кирил и Методиј во Рим, а премиерот Зоран Заев верува дека европскиот дух на тој гест ќе даде поттик за решение во спорот со Бугарија поради кој се блокирани пристапните преговори со Европската Унија. Заев рече дека рече овој спор ја кочи европската интеграција на целиот Западен Балкан.
„Верувам дека и европскиот дух на претседателите Радев и Пендаровски ќе биде поттик да направиме исчекор да продолжиме понатаму и секако низ патната карта да успееме да го забрзаме и ефектираме она она што претставува спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија“, рече Заев, кој денеска ја предводеше владината делегација за оддавање почит во универзитетскиот кампус „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители.
Пендаровски минатата недела рече дека заедничката посета во Рим е еден добар симболичен гест од двете страни, кој може да ја олабави атмосферата во пресрет на преговорите меѓу двете земји поради бугарската блокада за почеток на пристапните преговори за Македонија за влез во ЕУ.
Заев кажа дека 24 Мај го славиме „бидејќи претставува едно од најважните наследства, кое ни е оставено да го негуваме, да го унапредуваме и да им го пренесуваме на следните генерации“.
„Пред 12 века Светите Кирил и Методиј ја донеле азбуката, трајното наследство на целиот европски континент, кое останува врежано во меморијата и севкупното богаство на словенските народи. Драго ми е што денес живее македонскиот јазик со македонската азбука, заедно со сите словенски јазици и азбуки како дел од европското наследство, со надеж дека нашиот македонскиот јазик ќе стане еден од официјалните службени јазици на Европската унија“, рече Заев.
Претседателот Пендаровски во честитката за 24 Мај кажа дека „македонскиот јазик, како и секој друг словенски јазик, е гранка од стеблото засадено од Светите Кирил и Методиј и нивните ученици, меѓу кои и Свети Климент и Свети Наум Охридски. Какви плодови ќе береме зависи од тоа колку ќе вложуваме во нашата македонска гранка од словенското јазично стебло. Тоа е наша должност кон претходните и идните генерации но и наш придонес кон европскиот културен, образовен и цивилизациски простор“.
Министерството за надворешни работи (МНР) соопшти дека денеска амбасадите на Македонија и на Бугарија во Белград, Прага, Варшава и Киев, со заеднички настани ќе го чествуваат 24 Мај. Од Министерството велат дека ова е договорено со бугарското МНР „во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“.
Денеска, во Рим и Ватикан престојува делегација на МПЦ-ОА предводена од владиката Пимен, кој ќе ја води литургијата на гробот на Св. Кирил.
На 26 мај, македонската и бугарската делегација ќе патуваат заедно во Рим со бугарски авион, а на 27 мај Пендаровски и Радев ќе положат цвеќе во базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што во 9. век Папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од Кирил и Методиј, а обајцата претседатели ќе имаат и одвоени средби со папата Фрањо.
На 21 мај, португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј во Скопје и Софија го доставија предлогот на португалското претседателство на ЕУ за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија. Заев тогаш рече дека со ова предлог решение не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што е задоволена македонската круцијална позиција. Денеска, Заев кажа дека во предлогот се водело грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни и дека сериозно дискутираат за предлогот и ќе продолжат со состаноци.