Негативен е тестот за дрога на пејачот Дамиано Давид на „Мансекин“, италијанска рок-група која победи на Евровизија, соопшти Европската радиодифузна унија (ЕБУ).
„Не се користела дрога во Зелената соба и го сметаме случајот за затворен. Вознемирени сме што неточните шпекулации кои создадоа лажни вести го засенија духот и постигнувањата на изборот и имаа нефер влијание врз групата. Уште еднаш им честитаме на ‘Мансекин’и им пожелуваме огромен успех“, соопшти ЕБУ
Обвинувањата за дрогирање во Зелената соба за време на финалето во саботата се појавија откако на еден кадар од ТВ-преносот гледачите забележаа дека се чини оти Давид шмрка кокаин од масата, иако никаде не се гледа кокаинот. На кадарот се гледа како Давид се наведнува на масата, а за тоа тој рече дека се наведнал оти еден од членовите на бендот скршил чаша крај неговите нозе.
На прес-конференцијата после шоуто, Давид строго негираше дека се дрогира и самиот побара да биде тестиран.
„Томас скрши чаша. Јас не користам дроги“, рече тој.
Бендот и на Инстаграм објави дека се против користење дроги и оти никогаш не земале кокаин.