ВО БИТОЛА РЕТКО СЕ ПРОПУШТА ТЕРМИН ЗА ВАКЦИНА, ДОСЕГА ВАКЦИНИРАНИ 17.000 ЛУЃЕ ОД ПЕТ ОПШТИНИ

    ВО БИТОЛА РЕТКО СЕ ПРОПУШТА ТЕРМИН ЗА ВАКЦИНА, ДОСЕГА ВАКЦИНИРАНИ 17.000 ЛУЃЕ ОД ПЕТ ОПШТИНИВо Битола вчера пристигнаа уште 7.000 дози на „Синофарм“ (Фото: СДК.МК)

    Над 17.000 жители на општините Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод примиле вакцина во Регионалниот вакцинален пункт во Битола во изминатите три недели откако започна масовната имунизација. Интересот за вакцинација секој ден е сè поголем. Во петокот, од 1.376 закажани термини се вакцинираа дури 1.356 лица.

    „Сè повеќе и повеќе луѓе бараат вакцина. Веќе ја сфатија пораката дека секоја вакцина е добра. Само со вакцини ќе стигнеме до еден нормален живот во нашата земја“, рече директорката на Здравствениот дом Весна Спиркоска.

    Возрасната граница се спушта сè повеќе, но се вакцинираат и повозрасни граѓани.

    „Возрасната граница се движи според насоките што ги добиваме од Министерството за здравство. Вакцинацијата се одвива во етапи. Сме стигнале и до 45-годишна возраст, но се враќаме и наназад за да не се изостават најкритичните, најранливата категорија од над 60 години“, рече Спиркоска.

    Вчера пристигнаа уште 7.000 дози на „Синофарм“. Неподвижните лица имаат можност да бидат вакцинирани дома од страна на мобилните екипи за вакцинација.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира