Во пролетната акција за зазеленување на Скопје ќе бидат засадени 8.000 дрвја кои, како што велат од ЈП „Паркови и зеленило“, се веќе оформени. На неколку локации низ градот веќе се садат повеќе видови листопадни и зимзелени дрвја, како и декоративни грмушки и зеленило.
„Како и минатите години и оваа сезона садиме веќе оформени дрвја кои веќе имаат крошна, односно не треба да поминат неколку години за да пораснат и претставуваат зелен дрворед. Се сади во булеварите Гоце Делчев, Александар Македонски, Трета македонска бригада, Крсте Петков Мисирков, на улицата Водњанска, на новиот булевар Босна и Херцеговина, на кружните текови кај хотел ‘Континентал‘ и на Партизанска, односно низ сите скопски општини. Покрај садењето зеленило, вршиме и целосна реконструкција на тревниците, односно се поставува нова хидрантна мрежа за наводнување на зеленилото“, вели директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча.
Од „Паркови и зеленило“ велат дека во минатогодишните акции за зазеленување на градот се засадени околу 18.000 високостеблести дрвја, а минатата година се подигнати над 100. 000 квадратни метри нови и обновени зелени површини.
А. АНТЕВСКА